Кој може да биде член на мрежата

 
Постојат два вида на членство. Членови - социјални претпријатија и членови поддржувачи.
Членови - социјални претпријатија ќе можат да бидат оние кои ги исполнуваат критериумите кои се дефинирани од страна на Иницијативниот одбор.

Членови – поддржувачи можат да бидат сите организации, институции и поединци кои го поддржуваат развојот на социјалното претприемаштво во Република Северна Македонија. Поддржувачите на мрежата градат партнерства со социјалните претпријатија што ќе придонесат во развојот на социјалната економија во земјава, даваат придонес во градење на капацитетите на социјалните претпријатија и нивно вклучување во синџирите на набавка на традиционалните бизниси, придонесуваат во подигнувањето на јавната свест за потребата од социјални претпријатија, иницираат и спроведуваат активности кои што ќе овозможат развој на екосистемот во кој функционираат социјалните претпријатија и реализираат други активности кои што ќе го поддржат развојот на социјалните претпријатија.


НАЦИОНАЛНА МРЕЖА НА СОЦИЈАЛНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

ДЕКЛАРАЦИЈА

Социјалните претпријатија e неопходно да дејствуваат организирано преку интензивна соработка и вмрежување и согласно заеднички вредности и принципи, беше заклучено на состанокот одржан на 15 мај 2019-та година во Скопје, на кој што десет социјални претпријатија иницираа создавање на Национална мрежа на социјални претпријатија.
Ваквото здружување ќе овозможи споделување идеи и акции за ослободување на потенцијалот на ентитетите на социјалната економија, како и потенцијалот на заедницата во која тие дејствуваат преку одржлива,солидарна, циркуларна/зелена, одговорна економија водена од реалните потреби. Преку заедничко делување на социјалните претпријатија базирано на вредности, заеднички ќе се стремиме кон инклузивно општество ориентирано кон потребите на граѓаните и кон социоекономски развој“ - беше наведено на иницијалниот состанок на Мрежата.

Затоа што човекот е во центарот на оддржливиот развој, и затоа што како активни ентитети:

СОГЛЕДУВАМЕ дека социјалната економија се здобива со зголемено препознавање на европско и меѓународно ниво, бидејќи политичкото препознавање, заедно со силното граѓанско општество се клучни за оддржливиот развој.
ВЕРУВАМЕ дека социјалната економија може да креира нови работни места, да поттикне иновативни услуги за најранливите групи граѓани, промовира рамномерен регионален развој, заштитата на животната средина и придонес во глобалните цели за одржлив развој.
ЗНАЕМЕ дека постоечките социјални претпријатија во Република Северна Македонија развиваат економија базирана на реалните потреби на граѓаните, создаваат можности за демократија во економијата и вработување на ранливите групи граѓани.
ИДЕНТИФИКУВАВМЕ дека постоечките социјални претпријатија во Република Северна Македонија одговараат на потребите поврзани со растот на нееднаквоста и сиромаштијата, стареењето, младинската невработеност, локалната одржливост, уништувањето на животната средина, благосостојбата на животните, искористувањето и деградацијата на природните ресурси.

Oдлучуваме да се заложиме за следново:

Придонес на Мрежата на социјални претпријатија кон социјалната економија

Социјалните претпријатија ќе развиваат бизнис модели на 21. век кои ги интегрираат финансиските, социјалните, културните и еколошките потреби. Наша заедничка мисија е: трансформирање на македонското општество преку имплементација на решенија за општествените, економските и еколошките предизвици, како и преку развој на социјална и циркуларна економија што ќе придонесе за подобар и поквалитетен живот за сите граѓани во земјава.

Заеднички принципи

  • Социјалните претпријатија работат за општо добро, а не за максимизирање на профитот за сопствениците. Ги одликува идентитет базиран на отвореност и доверба, меѓусебно соработуваат, се поддржуваат и споделуваат знаења со социјални претпријатија од земјава, од Европа и од светот.
  • Целосно или дел од својот профит, зависно од типот на социјалното претпријатие, го реинвестираат за постигнување на општествени цели или кон цели за заштита на животната средина, односно се стремат кон конкретна општествена промена или кон промена корисна за животната средина;
  • Социјалните претпријатија нудат иновативни приоди за одржлив и рамномерен регионален развој;
  • Обезбедуваат добра и услуги за маргинализираните и за неразвиените заедници, вработуваат лица од ранливи групи граѓани и/или со своето делување решаваат други општествени проблеми или проблеми со животната средина;
  • Тие се пазарно ориентирани бизниси, односно финансиската одржливост во најголем дел ја обезбедуваат според пазарните механизми (а не доминантно преку грантови);
  • Управувањето на социјалните претпријатија е демократско и партиципативно преку вклучување на релевантните актери кои се засегнати од работењето на претпријатието;
  • Социјалните претпријатија имаат општествено влијание и/или влијание врз животната средина и работат според принципите на одржлив развој.

Заеднички вредности

Дејствувањето на социјалните претпријатија ќе се базира врз вредностите: солидарност, меѓусебна доверба и уважување, еднаквост, недискриминација, одговорност, транспарентност, отвореност, меѓусебна поддршка, партиципативност.

Организирано вмрежување и соработка

Социјалните претпријатија, организациите и бизнисите кои придонесуваат во развојот на екосистемот на социјалните претпријатија, ЗАЕДНО ќе работат кон остварување на следните цели:

1) Креирање на заеднички идентитет, базиран на отвореност, солидарност и доверба, а во врска со заедничките вредности и принципи, практики и однесување, визија и одговорност;
2) Меѓусебно учење низ секојдневната работа и пракса како и од социјални претпријатија од Европа и од светот;
3) Промовирање на вмрежување и соработка помеѓу социјалните претпријатија, организациите и бизнисите кои ја поддржуваат социјалната економија;
4) Унапредување на јавните политики и стратешките документи на Владата врз основа на потребите на социјалните претпријатија;

Здруженото работење ќе овозможи:

  • Создавање општество базирано на вредности, солидарност и инклузивност;
  • Создавање економија базирана на реалните потреби на граѓаните;
  • Придонес кон остварување на Глобалните цели за одржлив развој;
  • Подобро користење на синергиите при работата на социјалните претпријатија;
  • Унапредување на транспарентноста во однос на креираните општествени вредности;
  • Градење кредибилитет во сферата на економијата, социјалата и политиката;
  • Креирање видливост и овозможување поддршка која одговара на реалните потреби на постоечките социјални претпријатија;
  • Користење на постоечките добри практики и експертиза за да се обезбеди одржливост на социјалните претпријатија.

Заедничка визија

Заедничка определба на сите актери е креирање на платформа што ќе овозможи дијалог, поддршка, размена на информации и вмрежување, како и заеднички иницијативи.
Наша визија е создавање силно граѓанско општество и одржлива, солидарна и социјална држава;
Остануваме посветени кон развој на бизнис модели базирани на елементите кои ги карактеризираат социјалните претпријатија;
Инвестираме во соработка и работа базирана на заедничките вредности и принципи (дефинирани во Кодексот на однесување), кои што ќе ги заштитат социјалните претпријатија и нивните заедници од корупција и од злоупотреба на терминот „социјално претпријатие“.

Потписниците ќе ја преземат улогата за развој на Националната мрежа на социјални претпријатија преку:
  • Организирање на заедничко учење, размена на знаење и овозможување поддршка во управувањето на социјалните претпријатија;
  • Асистирање на тимови кои имаат за цел да основаат социјално претпријатие (коучинг, менторирање, планирање на бизнис и импакт итн.);
  • Поврзување со социјални претпријатија надвор од Македонија кои работат во исто поле и споделување на добри практики, алатки и методи на работа;
  • Застапување на социјалните претпријатија;
  • Креирање на јавните политики за социјалните претпријатија базирани на докази од истражувања кои ќе се обезбедуваат преку создадена синергија меѓу Националната мрежа на социјални претпријатија и Националната опсерваторија за социјалните претпријатија.

Оваа декларација е документ кој е отворен за коментари и подобрување од страна на актерите на социјалната и солидарна економија преку отворен и конструктивен дијалог низ кој ќе нè води обврзувачки Кодекс на однесување.
Кодексот на однесување ќе биде донесен на демократски и ефикасен начин од страна на ентитетите кои се обврзуваат да го применуваат овој иницијален рамковен договор.