Оваа недела остваривме посета на две нови социјални претпријатија од Битола кои наскоро и официјално ќе бидат дел од Мрежата на социјални претпријатија.

Двете социјални претпријатија „Анастасија центар“ и „Center Lounge & Fresh Bar“ се поврзани на неколку нивоа. Освен што ги води Дарко Милевски, заедно со сестра му Стефанија и со мајка му Анастасија, едното го зајакнува другото и заеднички делуваат кон унапредување на општествената инклузија и унапредување на грижата за себе, своето здравје и мисла.
- Овие две социјални претпријатија формираат еден комплетен центар, кој е можност за изградба на една индивидуа која ќе може да функционира самостојно или во група, да развива или да учествува во изградбата на едно поздраво и посвесно општество – вели Милевски.
Тој објасни дека „Анастасија центар“ започна со работа пред две и пол години, а фокусот е на музичка терапија како соодветен метод за работа со лица со попреченост но и со лица со типичен развој.
- Заедно со моето семејство и со помала група ентузијасти и истомисленици се отвори едно катче во центарот на Битола, кое започна да се бори за враќањето на сјајот, вистинските морални вредности, традицијата и културата на нашата и единствена Битола. Преку пеење, танцување, сценско движење, разговори и насоки од страна на музичкиот педагог се влијае врз подобрување на физичкото, менталното и духовното здравје и состојба на лицата со нормален развој и лицата со поречености во развојот– вели Милевски.


Во истиот објект, веднаш под просторот на „Анастасија центар“, се наоѓа и социјалното претпријатие „Center Lounge & Fresh Bar“ првиот ресторан за непроцесирана и здрава храна во Битола. Ресторанот промовира здрав начин на исхрана, а повеќе од половина од профитот го инвестира во развојот на социјалното претпријатие „Анастасија центар“.
- Преку едукативните активности и начинот на функционирање во него, се активира процесот кај луѓето за кревање на свесноста кон исхраната, љубовта кон своето тело и вистинското внимание при хранењето, а со тоа и подигнување на повисоко и почисто ниво на мислата, која има уште пораздорна и поисцелителна моќ – вели Милевски.



Извршната директорка на „Паблик“, Климентина Илијевски, која го посети Center Lounge & Fresh Bar има само позитивни впечатоци од ова социјално претпријатие:

- Се шири спектарот на услуги во кој што се развива социјалната економија. „Center Lounge & Fresh Bar“ е место што плени, пред сѐ, со својата енергија. Кога ќе влезеш еднаш, сигурно ќе посакаш пак да се вратиш. Освен што ќе те послужат здрава храна и напитоци, ќе добиеш и совет како подобро да се грижиш за своето здравје преку балансирана и соодветна исхрана. Згора на ова, знаеш дека твојот избор на придонесува за развој на инклузивниот центар „Анастасија“. Задолжителна дестинација кога одите во Битола, на Широк сокак- порача Илијевски.