Скопје од денес ја има првата продавница за рачни изработки, „Еснаф“, (до кино „Култура“), која за почеток нуди производи од над 50-ина занаетчии, а домаќините најавуваат дека нивниот број допрва ќе се зголемува.
– Пресреќни сме за овој почеток. Ова е нашето место, местото на сите занаетчии и ракотворци. Заедно настапуваме под брендот „Еснаф“, бренд кој ќе стане симбол на нашата традиција и култура. Бескрајно сме благодарни на сите кои што веруваа и ја поддржаа оваа идеја, велат од „Еснаф“.
„Еснаф“ е социјално претпријатие (член на Мрежата на социјални претпријатија), кое ги обединува занаетчиите.
Станува збор за платформа за развој на мали занаетчиски бизниси, основана од Институт „Креативна Македонија“, со цел соединување на занаетчиите и нивно поврзување со купувачите. Тоа што го издвојува од другите креативни платформи е начинот на кој ги комбинира бизнисот и социјалната еднаквост.
Всушност, главната интенција на „Еснаф“ е да им даде моќ на ранливите, преку овозможување опции за нивен работен ангажман, но, претходно зајакнувајќи ги нивните вештини и капацитети за рачни изработки.
Основачката, Изабела Соколовска, за новиот број на „Лице в лице“, посветен на тема: нова економија, раскажува за патот на раѓањето на „Еснаф“, како и за предизвиците кои стојат пред нив.
– Почна од една идеја што долго време се вареше во мојата глава. Кога си самиот занаетчија и кога долго време соработуваш со креативни луѓе, од прва рака ги знаеш нивните барања, проблеми, потреби. Светот граби напред, интернетот е повеќе од убави луѓе и сè што се купува, продава, рекламира – е таму. Тука сме ние, земја што е богата со култура и со традиција, автентични занаети, уникатни ракотворби и сето тоа останува само на нашата територија – објаснува Соколовска за новиот, 38-ми број на „Лице в лице“.
Улогата на „Паблик“ во развивањето на социјалното претпријатие „Еснаф“ се состои во поддршка во менторство на самиот старт, врзана најмногу за областите за маркетинг и продажба.