Дискусија за новата Стратегија  за развој на еко-систем на социјално претприемаштво, која е во подготовка, инпути од членките на Mрежата  и разговори околу потребата за социјално менторство беа темите на средбата на социјалните претпријатија кои се дел од Мрежата која се одржа вчера во просториите на УНДП во Скопје.
Беа претставени трите стратешки приоритети на Стратегијата:
Kреирање култура на социјално претприемаштво (којшто опфаќа политичко и правно препознавање на областа, развој на институционална рамка, образование, истражување и општествено преповнавање на социјалните претпријатија преку мерење и известување за општествениот импакт);
Развој на капацитетите на социјални претпријатија и актерите во еко-системот (што подразбира развој на сите актери во еко-системот за СП, бизнис поддршка, пилотирање на иновативни финансиски инструменти и развој на локални сервиси), кој ќе придонесе кон развој на екосистемите на СП да станат пазарно ориентирани и да функционираат како социјални бизниси;
Развој на пазари кој треба да придонесе кон промоција на концептот за одговорни општествени набавки и одговорно купување.
Членките на Мрежата беа поттикнати да дадат свој инпут на овој работен материјал.


Во корелација со трите приоритети на стратешката рамка, која е во подготовка, се и предизвиците на членките, кои се во насока на нивно непрепознавање во јавноста, недостаток од работна сила, мотивираност, вредности и навики кај ангажираниот кадар и вработените во СП-ата, како и финансиската нестабилност, неодржливоста без грантови, недостатокот на финансии за инвестиции, потешкотии во користењето активни мерки.


Беа дискутирани и можностите за надминување на предизвиците, кои се движат во насока на консолидација на сите членки во поглед на вредности, знаења и ставови, што пак, води кон градење култура на социјално претприемаштво, понатаму, промоција на СП и на концептот, размена на идеи, знаења, искуства и партнерства, усогласување на ставовите и градење заеднички идентитет и застапување пред институциите, соработка и купување производи и услуги едни од други. Беа утврдени и начините на делување, и беше посочено дека е потребна активност на секоја од членките во работата на мрежата и споделувањето информации.
По претставувањето на новата методологија – социјално менторство, членките на Мрежата кои работат со ранливи групи се изјаснија дека им се потребни вакви програми во насока на зајакнување на нивните корисници, кои би придонеле кон нивна посоодветна интеграција на пазар на труд.
Средбата е поддржана од Град Скопје и од УНДП.