Битолската сцена на социјални претпријатија деновиве добива замав. Остваривме посета на новото социјално претпријатие од Битола Општинската организација на Црвен крст Битола, која пристапи кон Мрежата на социјални претпријатија.
Новото социјално претпријатие, кое започна со работа при Општинската организација на Црвен крст Битола обезбедува шеќер во мали пакувања наменет за кафулиња, ресторани, хотели и други угостителски објекти, кои нудат кафе и чај за своите клиенти.

- Консумирањето кафе во нашата култура беше поттик за нас да развиеме бизнис во оваа сфера. Од друга страна, увидовме дека потенцијалите и капацитетите на нашите корисници на проектот за бездомништво, можат да бидат ставени во функција на пакување на шеќер во мали кесички, потребни во угостителството - нагласи Борче Пашоски, секретар на Црвен крст Битола при потпишувањето на Декларацијата со која новoто социјално претпријатие стана членка на Мрежата на социјални претпријатија.
Координаторката на Мрежата, Марина Матеска сподели:
- Среќна сум што во мрежата на социјални претпријатија ни се придружува бизнис кој придонесува кон реинтеграција на бездомните лица.